Новости
Партнери
BEAUNDP
European CommisionInWent
 

ПОСТАПКА НА ОЦЕНУВАЊЕ И ИЗБОР


Практиките пријавени од претпријатијата се оценуваат од страна на пет стручни жири комисии – по една за секоја категорија на Наградата – кои се составени од истакнати претставници на граѓанскиот сектор и државните органи. Оценувањето и изборот на најдобрите практики се одвива во 6 чекори:

  1. Проверка на прифатливоста. Комисиите проверуваат дали претпријатието е регистрирано во Македонија, дали формуларот за аплицирање е пополнет, дали проектот е од областа на општествената одговорност на претпријатијата (ООП) и дали се вклопува во една од петте категории на Наградата.
  2. Оценување по општите критериуми. 7 критериуми за општите практики и стратегии на претпријатието поврзани со општествената одговорност кои важат за сите категории и можат да се бодуваат со максимум 70 бодови.
  3. Оценување по специфичните критериуми. 3 критериуми кои се специфични за секоја категорија и можат да се бодуваат со максимум 30 бодови.
  4. Дополнителни прашања до апликантите. Доколку се потребни дополнителни информации, т.е. појаснувања на податоците во пријавите, жири комисиите може да им постават прашања на претпријатијата кои аплицирале. Комисиите може да одлучат и да посетат дел од апликантите за да се запознаат подетално со практиките.
  5. Постапка за избор на најинвентивна практика. Секоја жири комисија од пристигнатите апликации во соодветната категорија предлага најмногу една апликација која влегува во избор за признание за најинвентивна апликација во сите категории. Посебна група составена од по еден член од секоја жири комисија ја бодува инвентивноста на секоја предложена апликација, според посебни критериуми.
  6. Одлучување за добитниците. Апликациите со најголем број бодови во секоја категорија добиваат статуетка во форма на логото на Координативното тело за ООП – одделно кај малите/средни претпријатија и кај големите. За да освои статуетка, апликацијата мора да има најмалку 60 бодови збирно по општите и специфичните критериуми, и комисијата да донесе соодветна одлука. Според бројот на бодови, признание во форма на плакета за успешно спроведена општествено одговорна практика добиваат и следнорангираната или следните неколку практики кои влегле во потесен избор во секоја категорија, одделно за мали/средни и големи претпријатија. Признание за најинвентивна практика или проект се доделува на апликацијата која соодветната група ја оценила со најголем број бодови. Жири комисиите го задржуваат правото да не доделат награда во одредена категорија, или признание за најинвентивна практика, доколку пристигнатите апликации бидат оценети како несоодветни.

По свеченото доделување на Националната награда, апликантите се информираат во писмена форма за бодовите доделени на секоја апликација, и им се дава стручно мислење за нејзините силни страни, како и препораки за начинот како практиката може да се подобри во иднина.