Новости
Партнери
BEAUNDP
European CommisionInWent
 

КАТЕГОРИИ НА НАГРАДАТА

Наградата за општествено одговорни практики се доделува во 5 категории кои ги отсликуваат главните области во рамки на општествената одговорност на претпријатијата (ООП):

Покрај тоа, во конкуренција на сите апликации од петте категории се доделува и признание за најинвентивен проект или практика.

На горните линкови, како и подолу на оваа страница, е даден опис на наведените категории, како и индикативен список на можни практики во рамките на секоја категорија.

Однос кон вработените

Оваа категорија на ООП вклучува широк спектар на мерки од доменот на човековите и работничките права и го опфаќа не само односот кон постојните вработени, туку и процесите на регрутирање нови работници, прекинот на работниот однос, одговорноста кон волонтерите како и одговорноста за работните практики на деловните партнери, снабдувачите и кооперантите.

Општествено одговорните практики кои претпријатието може да ги примени во односот кон вработените, меѓу другото, вклучуваат и:

  • обезбедување соодветни услови за работа и социјална заштита, вклучително и социјалнo осигурување;
  • обезбедување и зачувување на здравјето и безбедноста на работно место;
  • почитување на различноста и овозможување еднакви можности за персоналот без оглед на пол, возраст, етничка и религиозна припадност, сексуална ориентација, стил на живеење, итн.;
  • навремено информирање на вработените при промени што може директно да влијаат на нив и заедничко осмислување мерки за намалување на негативните влијанија;
  • овозможување рамнотежа меѓу работата и приватниот живот;
  • развој на човечките ресурси и континуирана обука;
  • почитување на приватноста и подобрување на заштитата на личните податоци на вработените;
  • уважување на социјалниот дијалог и почитување на правата на вработените да формираат синдикати и здруженија за остварување на своите права;
  • континуирано унапредување на почитувањето на другите човековите права во претпријатието;
  • поттикнување на разновидноста на работната сила.

Врати се на почетокот од оваа страница.

Етичко управување

Оваа категорија на ООП го опфаќа системот преку кој претпријатијата ги донесуваат и спроведуваат одлуките при реализирањето на своите цели. Етичкото управување треба да се темели на принципите и практиките на одговорност, транспарентност, етичко однесување, почитување на интересите на сите засегнати страни, како и на почитувањето на прописите и законите при донесувањето и спроведувањето на одлуки.

Општествено одговорните мерки за етичко управување кои претпријатието може да ги примени, меѓу другото, вклучуваат и:

  • создавање и негување на опкружување во кое се практикуваат принципите на ООП во сферата на влијание на претпријатието;
  • воведување и промовирање правила на етичко деловно однесување;
  • воведување на систем кој обезбедува придржување до сите прописи и закони во дејноста;
  • воспоставување на двонасочна комуникација со засегнатите страни, водење сметка за нивните интереси и преговарање со нив за разрешување на можните конфликти;
  • промовирање на учеството на засегнатите страни, што не се акционери, во работата на одборот на директори или управниот одбор;
  • промовирање на соодветна застапеност на маргинализирани групи (на пр. жени, етнички малцинства) на високи позиции во претпријатието;
  • периодично следење и оценување на процесите на управување во претпријатието;
  • транспарентно и отчетно известување на акционерите и другите релевантни засегнати страни за работењето на претпријатието, и за неговото влијание врз социјалната и животната средина;
  • надворешно потврдување од независни лица на вистинитоста, целосноста, соодветноста и корисноста на ваквите известувања;
  • воведување на менаџмент системи поврзани со ООП;
  • поттикнување на учество на вработени на сите нивоа при донесување на одлуки за ООП иницијативи, и воведување на стимулации за реализација на истите.

Врати се на почетокот од оваа страница.

Односи на пазарот

Оваа категорија на ООП се осврнува на однесувањето на претпријатието кон снабдувачите, купувачите , потрошувачите и конкурентите.

Општествено одговорните практики кои претпријатието може да ги примени во односите со снабдувачите, купувачите и конкурентите, меѓу другото, вклучуваат и:

  • практикување и поттикнување на фер конкуренција;
  • развој на одговорен и транспарентен процес на набавки;
  • поттикнување и помагање на снабдувачите и купувачите да воведат општествено одговорни практики;
  • земање предвид на повратните информации и поплаките од снабдувачите или купувачите;
  • нудење на производи и услуги со задоволителен учинок и соодветна поддршка;
  • обезбедување систем за поплаки и повратни информации за истите.

Општествено одговорните практики кои претпријатието може да ги примени во односот кон потрошувачите, меѓу другото, вклучуваат и:

  • применување на чесен маркетинг, споделување точни информации и користење чесни договори;
  • водење грижа за безбедноста и здравјето на потрошувачите;
  • придонесување за одржлива потрошувачка;
  • овозможување заштита на приватноста на потрошувачите и на нивните податоци;
  • обезбедување систем за поплаки и повратни информации за истите;
  • решавање на споровите со потрошувачите;
  • реагирање по жалбите на потрошувачите упатени до надлежните инспекциски органи, организации на потрошувачи, и други релевантни институции;
  • нудење на производи и услуги со задоволителен учинок и соодветна техничка поддршка;
  • демонстрирање посебна вниматеност кога нудат услуги кои задоволуваат основни човекови потреби.

Врати се на почетокот од оваа страница.

Однос кон животната средина

Покрај придржувањето кон законската регулатива, оваа категорија на ООП се однесува на одговорноста на претпријатието за импликациите од своите активности, производи и услуги во и врз животна средина.

Општествено одговорните практики кои претпријатието може да ги примени во односот кон животната средина, меѓу другото, вклучуваат и:

  • превенирање на загадување (емисии во воздухот, испуштање на материи во водата, отпад, испуштање на токсични и опасни хемикалии и други форми на загадување);
  • одржливо користење на ресурси (енергетска ефикасност, штедливо и ефикасно користење на вода, ефикасно користење на материјали, минимизирање на ресурсите кои производите ги изискуваат при нивната употреба);
  • ублажување на климатските промени и прилагодување кон нив;
  • заштитување на природата, биодиверзитетот и реставрација на природните живеалишта (заштита на биодиверзитетот, заштита и реставрација на еко-системите, одговорно користење на земјиштето и природните ресурси, примена на еколошко одговорни принципи во руралниот и урбаниот развој).

Врати се на почетокот од оваа страница.

Вложување во заедницата

Претпријатието треба да ги препознае и почитува правата на заедницата во која делува, нивните карактеристики и историја и да ја препознае вредноста од воспоставување на партнерски однос со заедницата преку размена на информации, искуство како и ресурси. Претпријатието може да вложи во заедницата со мерки кои опфаќаат создавање на нови работни места преку диверзификација на економските активности и технолошкиот развој. Преку социјални инвестиции тоа може да придонесе во проекти за развој на образованието и вештините на жителите, обезбедување на здравствени услуги, зачувување на културното наследство, развој на демократијата и учеството на граѓаните во јавниот живот, итн.

Практиките во оваа област се доста шаренолики и важно е да се стратешки насочени и комбинирани со останатите сегменти на ООП. Тие можат, меѓу другото да вклучуваат и:

  • систематско консултирање со засегнатите страни и нивни претставници (на пр. невладини организации), вклучително и со претставниците на локалната самоуправа;
  • учество во локални здруженија доколку е тоа соодветно со цел да се придонесе кон јавното добро и развојните цели на заедницата;
  • ангажирање во заедницата за решавање на одредени проблеми преку долгорочно инвестирање во програми во одредени области (образование, здравство, култура, пристап до технологии за маргинализирани групи, економски развој, итн.);
  • соработка со релевантни организации и институции при планирање и спроведување на јавни политики и проекти во заедницата;
  • стратешки филантропски активности на претпријатието кои се вон вообичаените хуманитарни донации и се во насока на долгорочниот развој на заедницата;
  • поттикнување и поддршка на волонтирање од страна на персоналот во локални здруженија и активности на граѓаните.

Врати се на почетокот од оваа страница.