Новости
Партнери
BEAUNDP
European CommisionInWent
 

ШТО Е ООП?

Суштината на општествена одговорност на претпријатијата

Општествената одговорност на претпријатијата (ООП), онака како што ја промовира Европската комисија, претставува концепт со кој компаниите ги интегрираат социјалните аспекти и аспектите на животната средина во своето деловно работење и во својата интеракција со учесниците, на доброволна основа.1 Денес е широко распространето убедувањето дека повеќе не е доволно деловните субјекти да се стремат само кон создавање на добивка за инвеститорите, во услови кога нивното работење може да влијае, како позитивно така и негативно, на животот на целокупната заедница во која работат. Општествената одговорност на претпријатијата може да се дефинира како „успех во деловните активности остварен не само со почитување на законите и прописите, туку и со пристап кој постигнува рамнотежа меѓу економските, еколошките и социјалните цели на начин кој е од полза за граѓаните, заедницата и општеството.“ ООП се однесува на одлуката на претпријатијата да одат подалеку од почитувањето на минималните законски услови и обврски кои произлегуваат колективните договори со цел да одговорат на потребите на општеството. Како таква, ООП станува сè позначаен концепт во светски рамки и во ЕУ, и се поврзува со одржливиот развој, поттикнување на конкурентноста, економски раст и создавање на работни места.2

Општествената одговорност на претпријатијата има три клучни нивоа:

  • Како прво, вклучува почитување на законските обврски (на пр. даночните, оние поврзани со здравјето и безбедноста на работа, правата на потрошувачите и еколошките прописи) и стандардите во стопанските дејности.
  • Второ, вклучува минимизирање или елиминирање на негативите ефекти на деловниот сектор врз општеството и менаџмент со ризиците кои произлегуваат од таквите ефекти (на пример, од прекршување на човековите права или од загадување).
  • Конечно, се однесува на позитивните влијанија на деловниот сектор врз општеството и создавање на додадена вредност преку иновации, инвестиции и партнерство насочени кон социјална и економска добросостојба (на пример, создавање на работни места, социјален и економски развој и разрешување на конфликти).

Деловната логика за ООП

Деловната логика за ООП се темели на можноста добрите еколошки и социјални резултати од работењето да бидат преточени во добри економски резултати. Деловната логика за ООП има три нивоа:

  1. Намалување на штетите и заштита на репутацијата; притисокот од невладините организации, потрошувачите, медиумите, државните и другите јавни тела води кон реакција за избегнување на потенцијалните финансиски загуби и заштита на имиџот на брендовите.
  2. Поволен однос меѓу трошоците и придобивките; опипливите финансиски добивки, на пример од подобрувањата во продуктивноста или од намалувањето на енергетската и материјалната неефикасност, што можат да ги покријат трошоците за постигнување на подобрувањата на полето на еколошките и социјалните резултати од деловното работење.
  3. Стратегиско ниво; ООП како составен дел на развојната стратегија на компанијата што може да доведе до пристап на нови, недоволно опслужени пазари, до фундаментална промена во производите и деловните процеси, до вградување на ООП како составен дел на брендот или до употреба на ООП како средство за учење и иновации.

Како што компаниите се движат низ овие три фази на деловната логика за ООП, потенцијалните придобивки од општествено одговорното однесување стануваат поголеми. Оттука, деловните субјекти стануваат спремни да инвестираат во попродлабочени и подолгорочни пристапи, каде што ООП не е додаток на основната дејност, туку истата станува составен дел на деловната стратегија.

Потребата за поттикнување на ООП во Македонија

Европската комисија гледа на општествената одговорност на претпријатијата како дел од придонесот на деловниот сектор за одржливиот развој и за Стратегијата на Унијата за раст и вработување, со оглед на тоа што има потенцијал да придонесе за остварување на различните заеднички цели, како што е социјалната кохезија, економската конкурентност и порационалната употреба на природните ресурси. Во Европската Унија, општествената одговорност е вградена во социјалната политика и политиката за вработување, политиката за развој на малите и средни претпријатија, политиката за заштита на животната средина, политиката за заштита на потрошувачите, правилата и процедурите за јавни набавки и надворешната политика.

Пристапувањето на Република Македонија кон ЕУ ја наметнува потребата за прифаќање на нејзините норми и практики, вклучително и признавање и промовирање на ООП и нејзиниот придонес кон социјалната кохезија и создавањето на одржлива конкурентност и развој. Ова несомнено ќе бара ревизија на владините политики во областите кои се во делокругот на концептот за ООП, развивање на сеопфатна агенда за ООП, спроведување на поддржувачки активности и следење на напредокот во остварување на зацртаните цели во доменот на ООП.

Промовирањето на општествената одговорност на претпријатијата е исто така значајно за привлекување на странски инвестиции со оглед на тоа дека пости огромно зголемување на инвестициските фондови кои ги надополнуваат финансиските цели со социјални, еколошки или етички аспекти при изборот, задржувањето и реализацијата на инвестициите. Ваквото „општественото одговорно инвестирање“ означува инвестирање во вредносни хартии или доделување на заеми само на претпријатијата што ги задоволуваат критериумите за општествена одговорност. Во 2005 година, вкупните општествено одговорни средства во професионално управувани портфолија што ги применуваат критериумите на општествена одговорност достигна 2 300 милијарди долари 3 во САД. Европскиот пазар за општествено одговорни инвестиции порасна од 1.000 милијарди евра во 2005 година на 1.600 милијарди 4 во 2007. Македонските претпријатија, за да искористат дел од овие средства, ќе мора забрзано да го сменат начинот на секојдневно работење и во него да ги вградат принципите на општествено одговорно однесување.

Сепак, на македонската деловна заедница сè уште и недостига соодветно знаење и практични инструменти за целосно спроведување на општествено одговорните принципи за деловно работење. Предизвиците на патот кон развивањето на општествено одговорна деловна заедница се чини дека се огромни и ги вклучуваат неразбирањето на концептот за ООП и на деловната оправданост за ООП; непредвидливата деловна клима; ниското ниво на свесност и активизам кај потрошувачите и слабото остварување на потрошувачките права; недостатокот од општествено одговорни инвеститори, непостоењето на доминантен модел на корпоративно управување и финансирање; слабости во корпоративното управување; недостатокот на стимулации за ООП и слабата координација меѓу различните заинтересирани страни.


1 Зелената книга на Комисијата „Промовирање на европската рамка за корпоративна општествена одговорност“, COM(2001)366 конечна верзија, 2001.

2 Извештај од Комисијата во врска со општествената одговорност на претпријатијата: Спроведување на партнерството за раст и вработување: правејќи ја Европа пол на извонредност во ООП, COM(2006)136 конечна верзија, 2006.

3 Social Investment Forum, 2005 Trends Report.

4 Eurosif, the European social investment forum, 2006.