Новости
Партнери
BEAUNDP
European CommisionInWent
 

Активности

Министерот Сараќини и Амбасадорот Орав ги повикаа претпријатијата да конкурираат за Наградата за 2012 г.

Министерот за економија, Амбасадорот на ЕУ и Претседателот на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата ги повикаа претпријатијата да конкурираат за Националната награда за најдобри општествено одговорни практики во 2012 г. Ова беше главната порака од конференција за медиуми која се одржа на 18 јануари 2013 г.


Министерот Сараќини истакна дека Националната награда е дел од активностите на Министерството за економија за спроведување на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата (ООП), која има за цел да создаде поволен деловен амбиент што промовира раст, социјална инклузија и одржливост. Тој изрази желба Наградата да придонесе да се прошири кругот на претпријатијата што вложуваат во општествената одговорност. Во таа насока, за првпат се упатени покани до 200-те најуспешни компании да конкурираат за Наградата.


Амбасадорот Орав упати честитки до организаторите што се придружиле кон иницијативата на Европската комисија за Европски систем на наградување на ООП. Со тоа на локалните претпријатија им се овозможи да учествуваат во овој пан-европски настан. Иницијативата е дел од новата политика за ООП на Европската комисија, објавена во октомври 2011 г. Со неа се предвидени низа мерки кои имаат за цел да им помогнат на претпријатијата да го искористат својот потенција за создавање на богатство, работни места и иновативни решенија за многуте предизвици со кои се соочува европското општество.


Според Претседателот на Координативното тело за ООП, Александар Николов, стручни жири комисии ќе доделат награда за најуспешни практики во пет категории: oдноси со вработените; eтичко управување; односи на пазарот; заштита на животната средина и вложување во заедницата. Едно големо и едно мало или средно претпријатие чиишто практики имаат добиено најмногу бодови од жири комисиите, а кои стапиле во успешно партнерство со непрофитен субјект (на пр. државен орган, здружение на граѓани, синдикат, образовна институција) ќе бидат промовирани во Европски рамки преку иницијативата на ЕУ.


Претпријатијата може да ги доставуваат своите пријави за учество во периодот од 18 јануари до 11 март 2013 година преку пополнување на формулар што е објавен на веб-сајтот на Министерството за економија, и на веб сајтот на Координативното тело за ООП. Преку учество во наградите претпријатијата ќе можат да:

  • стекнат признание како предводник во сферата на општествена одговорност на претпријатијата
  • ја подобрат својата репутацијата и кредибилитетот на национално и европско ниво
  • ја прикажат својата иновативност и заложбите за постигнување на одржливост
  • учествуваат во размена на најдобри практики и да добијат сугестии за унапредување на своите општествено одговорни практики од стручни комисии
  • ги прослават успешните партнерства со непрофитни организации и институции.
Назад