Новости
Партнери
BEAUNDP
European CommisionInWent
 

Активности

Учество на седум претставници на КТООП на Регионална Конференција за ООП и Социјална Инклузија од 3- 5 ноември 2008 година, во Белград, Србија

Во периодот од 3-5 ноември 2008 година во Белград, Србија, беше организирана Регионална Конференција за Општествена Одговорност на Претпријатијата и Социјална Инклузија во земјите од југоисточна Европа. Конференцијата беше заеднички организирана од ИнВент (германска владина Агенција за меѓународна надградба на капацитети), Илтис (германска консултантската куќа задолжена за спроведување на владини програми за обука), УНДП и Стопанската Комора на Србија, а финансирана од германското Министерство за економска соработка и развој, односно германската Влада.

Главната цел на Конференцијата беше истакнување на активностите за ООП и социјална инклузија на компаниите, Владите и невладините организации во земјите од регионот на ЈИЕ. Конференцијата обезбеди Форум за дијалог каде се дискутираа стратегиите, пристапите и досегашните постигнати резултати и се развиваа цели и концепти за имплементација на ООП во иднина.

Конференцијата беше организирана во рамките на Регионалната Програма на ИнВент „Воспоставување на ООП во југоисточна Европа“, каде една од главните програмски компоненти беше воспоставувањето на ООП награди 2007, со цел да се идентификуваат најдобрите ООП проекти и иницијативи на компаниите во ЈИЕ.

На Конференцијата земаа учество преку 100 претставници од Србија, Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, УНМИК Косово, како и претставници на меѓународни организации: ИнВент, УНДП, ОЕЦД - Повелбата за инвестиции и Светската Банка.

Македонската делегација се состоеше од 14 члена, претставници од јавниот сектор, бизнис секторот и граѓанското општество. Координативното тело за ООП беше застапено преку Претседателот, секретарот, тројца членови и двајца заменици членови на телото.

На првиот ден од Конференцијата насловен како „Појдовна позиција – Споредба на напредокот во ООП во земјите од ЈИЕ“, се разгледуваа стратегиите, пристапите, начините за воведување и промовирање на ООП во земјите учеснички на настанот.

Презентација за македонското искуство и формирањето на Координативното тело за ООП одржа Горан Лазаревски, Претседател на Телото. Македонскиот модел на формално тело задолжено за ООП во земјата, составено од сите заинтересирани страни беше истакнат и признат од меѓународните организации како оригинален и единствен во регионот и пошироко, во Европа. Телото беше посочено како пожелен модел за копирање од делегациите на Србија и Црна Гора и крајот на презентацијата беше дочекан со аплаузи.

На Конференцијата се дискутираа темите „Компаниите како мотор за ООП во ЈИЕ“ и „ООП како придонес во социјалната инклузија“. Беа презентирани првонаградените големи компании во Македонија (Тинекс - Скопје) и Србија (Тигар – Пирот), односно нивните наградени проекти за 2007 година. Проектот на Тинекс за социјална инклузија на децата без родители од домот „11 Октомври“ предизвика одобрување и одушевување кај присутните.

На првата работна групна сесија, каде учесниците беа поделени во 4 групи во кои беа подеднакво застапени сите заинтересирани страни, се дискутираше кои економски, политички и социјални цели можат да се постигнат со помош на ООП во иднина и кои се главните елементи за иден развој и промовирање на ООП и социјалната инклузија.

Проф. Ѓорѓија Петкоски од Институтот на Светската банка во Вашингтон одржа мошне интересно предавање на тема „Инклузивен и одржлив економски развој“, во кое говореше за приликите, можностите и предизвиците со кои се соочуваат јавниот, приватниот сектор и НВО.

На вториот ден од Конференцијата се дискутираше за „Перспективите за југоисточна Европа – приоди и мерки за натамошен развој и имплементација на ООП“.

На втората работна групна сесија учесниците беа поделени во работни групи по земји, каде дискутираа кои цели и задачи планираат да ги остварат во наредниот период од 2 години, како понатаму ќе продолжат и која е неопходната општа рамка за да се успее во намерите. Македонската делегација ги презентираше планираните активности, задачи и цели содржани во Националната Агенда за ООП за РМ 2008-2012, која беше усвоена од Владата на РМ на 21.10.2008 година. Повторно, како и Телото, така и Агендата како стратешки национален документ за ООП доби позитивни критики од сите учесници и беше посочена како позитивен модел за копирање од страна на земјите во регионот. Македонската делегација имаше исклучително претставителен настап и ги собра сите признанија за, како што истакна модераторот на Конференцијата, единствениот приод и напредокот кој Македонија го има остварено и со кој се истакнува како лидер во регионот и пошироко.

Како заклучок, на Конференцијата беше истакната потребата за поширока соработка на земјите од регионот за сите прашања во врска со ООП.

Назад