Ценети Пријатели на Националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата, Денес, по истекот на првите две години од постоењето и активното делување на Националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата на Република Македонија, сакам да го изразам моето големо задоволство и чест, што имав можност да раководам со оваа група на големи ентузијасти, посветени луѓе од најразлични профили, со кои, низ секојдневна и напорна работа, постигнавме исклучителни резултати. Пред Вас е нашиот двогодишен извештај, за период исполнет со активности и настани кои го обележаа мојот мандат како Претседател и мандатите на членовите и замениците во Координативното тело. Разновидната структура на Координативното тело, кое вклучува претставници на деловниот сектор, синдикатите, владините и невладините институции, академската заедница, медиуми и независни експерти, овозможи нашето Координативно тело да прерасне во вистински форум за креирање на политики, размена на мислења и искуства и место, каде се сретнуваа и разговараа сите засегнати страни, кои на било кој начин имаат допирни точки со темата на општествената одговорност. Секако, силен чинител на нашиот успех во изминатиот период беше и отвореноста кон јавноста, обезбедена преку активно учество на секој заинтересиран поединец или институција на секоја од нашите седници и во нашите работни групи, но и со редовното информирање на јавноста за сите наши активности и иницијативи.