Новости
Партнери
BEAUNDP
European CommisionInWent
 

Активности

Избран нов Претседател на Координативното тело

17-та седница на КТООПНа 17-та седница на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата (КТООП), одржана на 1 јули 2011 година, беше избран новиот Претседател на КТООП, г. Александар Николов, досегашен член на Телото и експерт за ООП.

Неговиот претходник, г. Горан Лазаревски, се заблагодари на членовите за соработката и го истакна своето задоволство од резултатите постигнати во изминатите 3,5 години, кога, според неговите зборови, Република Македонија ја зазема лидерската позиција во регионот. Според г. Лазаревски, круна на досегашната работа на Телото е добиениот Проект „ООП во РМ“, односно неговата евалуација како најдобар во конкуренција од 26 други проекти. Од присутните беше истакнато дека ентузијазмот со кој работи КТООП ретко се наоѓа кај работни тела кои се оперативни на волонтерска основа.

Новиот Претседател на КТООП, г. Александар Николов се заблагодари на довербата и истакна дека неговата нова позиција претставува предизвик. Притоа потенцираше дека во идниот период Телото го очекува организирање на четвртата по ред Национална награда за најдобри општествено одговорни практики на македонските претпријатија во 2010 година, како и реализација на Проектот „ООП во РМ“ кој има предизвикувачки цели и мотивира кон добивање нови грантови и нови активности.

Проф. Владимир Петковски му заблагодари на досегашниот Претседател Горан Лазаревски за неговата кооперативност и способност за обединување и соработка со заинтересираните страни. Тој потенцираше дека КТООП е млада, пионерска институција, а истовремено и историска, прва од ваков вид во земјата. „Младите држави имаат млади институции, а зад КТООП стојат видливи резултати кои значат зреење на општеството на полето на општествената одговорност. Неверојатниот ентузијазам и посветеноста на членките на КТООП доведоа до создавање на т.н. ,feel good' фактор, односно ситуација кога човек се чувствува добро кога работи со луѓе кои се ентузијасти и чувствува лична сатисфакција и исполнетост.“

Назад