Новости
Партнери
BEAUNDP
European CommisionInWent
 

Активности

Доделенa Националната награда за најдобри општествено одговорни практики во 2014 г.

На 21-ви октомври 2015 г., националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата и Министерството за економија свечено ги доделија националните награди за општествено одговорни практики на претпријатијата во Македонија спроведени во 2014 година. За наградите конкурираа 34 претпријатија со вкупно 50 проекти, од кои 10 мали и средни со 13 проекти и 24 големи со 37 проекти, во различни категории на општествена одговорност. Најмногу од претпријатијата (21) конкурираа во категоријата „Вложување во заедницата“, првпат аплицираа девет компании, а најголем дел од оние кои аплицирале - по седум - се од финансискиот и услужниот сектор, додека 91 отсто од пријавените се од Скопје.


Во категоријата „Однос кон вработените“, статуетка за најдобри општествено одговорни практики во 2014 година добија Витаминка од Прилеп  и Градежен институт Македонија, за „Етичко управување“ статуетка им беше доделена на Макстил, ЕВН Македонија и Раде Кончар ТЕП, за „Односи на пазарот“ на Комерцијална банка Скопје, за „Заштита на животната средина“ на Цементарница УСЈЕ и Пакомак, за „Вложување во заедницата“ на Даути комерц и Меѓународното училиште НОВА, додека за „Најинвентивна практика“ статуетката ја доби Комерцијална банка за проектот за овозможување услуги за лицата со оштетен вид. Седумнаесет плакети им беа доделени на повеќе големи, мали и средни компании во сите категории: Халкбанк, Некстенс,  Гемак Трејд, Фени Индустри – Кавадарци, Пивара Скопје, Охридска Банка,  Макстил, Трансмет, Фармахем, Адора Инженеринг, Комерцијална Банка, Окта, ПЗУ Специјална болница Филип Втори, Стопанска Банка АД Скопје, ТИНЕКС-МТ. Новитет годинава беше признанието за најинвентивна практика, кое го доби Комерцијална банка за проектот „За исти права и можности“.


Целта на Националната награда е да промовира позитивни практики на општествено одговорно делување и да даде инспирација за воведување и натамошно унапредување на општествената одговорност кај претпријатијата во Македонија. Колку сме успеале во тоа говори фактот што во овие осум години претпријатијата пријавија речиси 500 квалитетни општествено одговорни практики, со кои ја покажаа својата посветеност  и грижа за општеството и животната средина“, рече министерот за економија Беким Незири во поздравниот говор. Тој посочи дека концептот на општествена одговорност станува составен дел на работењето на деловните субјекти во земјава по примерот на европските. „Со него тие директно ја подобруваат својата конкурентност во глобалната економија, ја зголемуваат додадената вредност на нивните производи и услуги и го подобруваат угледот и имиџот на претпријатијата. Уверен сум дека овој концепт ќе се развива и во иднина со зголемување на бројот на компаниите кои со своето транспарентно и етичко однесување покажуваат дека нивна цел не е само создавање профит, туку и зачувување на животната средина и унапредување на социјалното милје со што придонесуваат за одржлив развој и просперитет во заедницата во која живеат и работат“, рече Незири. Најдобрите практики за 2014, додаде, ќе бидат претставени пред домашната јавност, како и во Романија, Турција, Хрватска, Црна Гора, Србија и Бугарија.


Првиот секретар и раководител за економија и финансии во Делегацијата на Европската унија во Македонија, Јаромир Левичек рече дека Унијата веќе седум години е еден од главните поддржувачи на општествено одговорните практики во земјава и додаде дека  концептот за општествена одговорност треба да се имплементира во македонскиот образовен систем.

„Агендата за општествено одговорно однесување мора да биде локално фокусирана и да се движи од дното нагоре, со цел да се одговори на потребите за развој“, рече Левичек.


Претседателот на Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата Александар Николов посочи дека една од новините годинава е признанието за „најинвентивна практика“ кое, како што рече, се доделува на проектот што има нов пристап кон решавање на одреден општествен проблем или нов пристап кон бизнисот што носи придобивки за засегнатите страни. „Докажавте дека и во услови на перманентна криза во опкружувањето можете да бидете профитабилни, а  истовремено и одговорни кон заедницата и животната средина“, им порача Николов на претпријатијата кои аплицираа за наградата и нагласи дека годинава има извонреден квалитет на пријавените проекти со одлични и оригинални идеи. Тоа, потенцира тој, го направи изборот многу тежок за жири комисијата.


Миле Бошков, претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, која годинава со проектот „Општествена одговорност за сите“ (CSR for All) е поддржувач на настанот, истакна дека за нив општествената одговорност е дел од социјалниот дијалог. „Нашата мисија е општествена одговорност за сите. Компаниите општествената одговорност не ја прават за профит, туку за оставање отпечаток во општеството. Затоа треба да работиме на тоа што ќе им оставиме на нашите деца во категориите етика, вложување во заедницата, вработените и човечкиот кадар“, рече Бошков.

Назад