Новости
Партнери
BEAUNDP
European CommisionInWent
 

Активности

Студиско патување за општествена одговорност на претпријатија, 25-27 февруари 2008 година, во Мадрид, Шпанија

По покана од канцеларијата на УНДП во Скопје, двајца претставници на Националното Координативно тело за ООП учествуваа на студиското патување за општествена одговорност на претпријатијата во Мадрид, Шпанија, одржано од 25-27 февруари 2008 година, во организација на Асоцијацијата на Глобалниот Договор во Шпанија (ASEPAM) и УНДП.

Главната цел на ова студиско патување беше учесниците да се запознаат со активностите на шпанските институции и шпанските компании во однос на принципите на ООП, како и можностите за примена на нивните искуства.


Организаторите овозможија презентации на претставници од сите засегнати страни за ООП во Шпанија: Мрежата на Глобалниот Договор во Шпанија, Универзитетите, граѓанското општество, Владата и приватниот сектор, претставен преку добрите практики на три компании, од текстилниот, градежниот и енергетскиот сектор. Презентациите сочинуваа 80%, а студиската обиколка и посетата на компанијата ENDESA, 20% од вкупното време.

Презентациите ги следеа 14 учесници од осум европски земји (Полска, Словачка, Литванија, Унгарија, Македонија, Хрватска, Турција и Бугарија), претставници од трите сектори: деловниот, јавниот и невладиниот сектор. Учесници од Македонија беа Бети Попова од Министерството за економија и Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи на РМ, претставници од јавниот и деловниот сектор.

Најинтересниот дел од студиското патување беше посетата и обиколката на компанијата ENDESA, најголемата компанија на пазарот на електрична енергија во Шпанија, водечка приватна мултинационална компанија од енергетскиот сектор во Латинска Америка и главен оператор во јужна Европа, во Медитеранскиот регион. Оваа компанија има подготвено четиригодишен Стратешки план за заштита на животната средина и одржливиот развој, а истовремено, 20 нејзини претставништва во различни земји од светот се потписнички на Глобалниот Договор на Обединетите нации. Учесниците беа запознати со многубројни општествено одговорни практики на компанијата, од областа на заштитата на животната средина, помошта кон заедницата, односите со вработените, добавувачите и потрошувачите и одржливиот развој.

Еден од позитивните примери е Управната зграда на компанијата, која има освоено прва награда за дизајн, но и награда за „самоодржливост“ и е наречена „интелигентна“ зграда, бидејќи самостојно ги регулира оптималното греење, ладење, осветлување, температура, циркулација на воздухот и сл.

Со ова студиско патување на учесниците им се овозможи стекнување на драгоцени знаења и искуство, со чија примена ќе се збогати креирањето на националните политики за ООП во сопствените земји, што беше и основната цел на организаторите.

Назад