Новости
Партнери
BEAUNDP
European CommisionInWent
 

Активности

Доделенa Националната награда за најдобри општествено одговорни практики во 2011 г.

На 1-ви ноември 2012, во присуство на речиси 200 гости се одржа свечена церемонија за доделување на јубилејната, петта Националната награда за општествено одговорни практики на македонските претпријатија. На конкурсот за Наградата за 2011 година, со испраќање апликации, се јавија вкупно 36 претпријатија со 59 проекти.


Министерот за економија, г. Ваљон Сараќини во своето обраќање истакна дека „сите досега наградени практики се мотив за останатите да не се доживува општествената одговорност како наметната однадвор, туку како потреба која доаѓа од внатре. Тоа никако не е концепт само на големите компании кои остваруваат повеќе профит, туку концепт на едно современо живеење и делување.“


Александар Николов, Претседател на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата и член на жири комисија за Наградата, изрази задоволство што за дел од апликантите, токму наградените практики на други компании од минатите години како и примерите за ангажирање во петте категории кои се составен дел на насоките за аплицирање, послужиле како инспирација за развивање на наградените практики. „Тоа е најдобар доказ дека Наградите ја остваруваат целта. Тие не само што овозможуваат да се споделат добрите практики на нашите стопанственици, туку веќе поттикнуваат и здрава доза на конкуренција во оваа област меѓу претпријатијата.“

„Европската унија го поддржува овој настан бидејќи смета дека јавноста треба да ги препознае и награди напорите на поединечните компании не само за остварување добар профит, туку и за нивниот придонес за справување со одредени општествени предизвици“ истакна во своето обраќање Шефот на делегацијата на ЕУ Аиво Орав.


Кај големите претпријатија, беа доделени награди за шест апликанти. За Однос кон вработените наградата ја доби Цементарница УСЈЕ АД Скопје за проектот „Надоместоци, бенефиции и добросостојба на вработените“; за Етичко управување награден беше ФЕНИ Индустри АД Кавадарци за проектот: Сигурна и безбедна работна и животна средина; во категоријата Односи на пазарот АД Електрани на Македонија за проектот „Влијание на снабдувачите во унапредување на односот кон вработените“; во категоријата Животна средина награден беше Макпрогрес ДОО Виница за проектот „РРР – Редуцирај, Рециклирај, Реупотребувај“; во категоријата Вложување во заедницата наградата припадна на ЕВН Македонија АД за проектот „Прва пaтувачка детска опера во Македонија ‘Јованче и Марика’” и Пивара Скопје АД Скопје за проектот „Обука за менаџери“.


Во групата на мали и средни претпријатија, беа доделени шест награди. Во категоријата Однос кон вработените беше наградена Македонијалек ДООЕЛ Скопје за проектот „Унапредување на квалитетот на работното место“; во категоријата Етичко управување наградата припадна на Дониа ДОО Прилеп за проектот „Систем, транспарентност, етика“; во категоријата Односи на пазарот наградена беше Дониа ДОО Прилеп за проектот „Истражување на пазар (добавувачи, купувачи и потрошувачи“; во категоријата Животна средина награда беше доделена на Принцесс Груп ДООЕЛ Гевгелија за проектот „Зелени практики“; за Вложување во заедницата беа наградени ДПТУ Ренова Џепчиште за проектот „Доделување на средства во вид на стипендии“ и ПВУ Универзитет Американ колеџ Скопје за проектот „Прослава на меѓународен ден на семејството 15.05“.


Освен наградите, доделени беа 10 јубилејни признанија за континуитет во спроведувањето на општествено одговорни практики (5 за големи и 5 за мали и средни претпријатија) во изминатиот 5-годишен период, од 2007–2011 г. Исто така, беа доделени признанија за 33 лица за нивното залагање и ангажирање за унапредувањето на општествената одговорност на претпријатијата преку развојот и афирмирањето на Националната награда за ООП. Медиумите добија признанија за медиумска поддршка на Наградата и промовирање на наградените општествено одговорни практики во јавноста.

Назад