Новости
Партнери
BEAUNDP
European CommisionInWent
 

Активности

Доделенa Националната награда за најдобри општествено одговорни практики во 2013 г.

На 16 септември 2014 г., Министерството за економија на Република Македонија и националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата ги доделија наградите за најдобрите општествено одговорни практики на претпријатијата, реализирани во текот на 2013 година. Од 38-те претпријатија кои конкурираа со 56 проекти во петте категории, проектите на 8 претпријатија се закитија со препознатливите статуетки, а 12 проекти беа наградени со плакети.

Така, практиките на ЕВН Македонија и Принцес Груп – Гевгелија добија статуетки за категоријата „Однос кон вработените“, на Фени Индустри за „Етичко управување“, а на Винарската визба Тиквеш АД, ЕВН Македонија и Микросам АД Прилеп за „Односи на пазарот“. Во категоријата „Однос кон животната средина“ статуетка доби проект на Пакомак ДОО-Скопје, а во категоријата „Вложување во заедницата“ – на НЛБ Тутунска Банка и на Дуна компјутери. Со плакети, пак, се здобија практиките на Макстил АД Скопје, Акселтра ДООЕЛ Скопје, Шпаркасе Банка, ПЗУ Ре-Медика, Цементарница Усје, Адора Инженеринг, Алфа Банка, Т-Мобиле Македонија, Тинекс-МТ, Раде Кончар ТЕП и Меѓународни училишта Нова Скопје.

Наградите ги додели министерот за економија, Беким Незири, кој пред присутните истакна: „Целта на Наградата, која ја доделуваме по седми пат, е да промовира позитивни практики на општествено одговорно делување и да инспирира за натамошно унапредување на општествената одговорност кај претпријатијата во Македонија. Kолку во тоа сме успеале, говори и фактот што изминативе седум години претпријатијата пријавија над 400 практики кои ги спровеле и со кои демонстрирале дека нивната цел не е само создавање профит, туку и зачувување на животната средина и унапредување на социјалното милје“.

Потсетувајќи дека основите на оваа традиција ги постави Министерството за економија на Република Македонија заедно со националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата, а како резултат на Националната агенда за општествена одговорност на претпријатијата, министерот Незири истакна дека годинава Министерството за економија иницираше изработка на нова среднорочна политика за поддршка на општествената одговорност на претпријатијата.

„Владата одлучи оваа национална Стратегија, која ќе ги следи најновите трендови во оваа област промовирани од Европската комисија, да содржи мерки и активности за унапредување на општествената одговорност во периодот од 2015 до 2020 година. Ја поканувам деловната заедница да предложи приоритетни мерки што би биле вклучени во Стратегијата, и кои би им помогнале да ги задржат и унапредат своите општествено одговорни практики.“

Претседателот на Координативното тело Александар Николов го објасни процесот на оценување на пристигнатите проекти, што го направија стручни жири комисии составени од 16 претставници на јавниот и граѓанскиот сектор.

„Традиционално најголем интерес претпријатијата искажаа за категоријата ,Вложување во заедницата’, со 46% од поднесените апликации. Позитивно бевме изненадени од зголемениот интерес за аплицирање во категоријата ,Односи на пазарот’, каде беа упатени 21% од вкупниот број на апликации. Следни по бројност на апликации беа категориите ,Однос кон вработените’, ,Однос кон животната средина’ и ,Етичко управување’. Најголем број на претпријатија кои аплицираа се од банкарскиот сектор, ИКТ и металуршкиот сектор, односно од градежната и прехранбената индустрија, но солиден интерес имаше и од образовните установи“, рече Николов.

Според претставникот на Европската комисија, која традиционално ја поддржува манифестацијата, Елисабета Георгиева, спроведувањето на општествено одговорните практики на претпријатијата им овозможува поголема видливост на пазарот, подобрување на сопствената конкурентност, зголемување на додадената вредност на нивните производи и услуги и, генерално, унапредување на нивниот углед и имиџ.

Годинава Националната награда беше помогната од проектот „Општествена одговорност за сите“, кој има за цел да ги развие капацитетите на организациите на работодавачи во Југоисточна Европа во врска со концептот на општествената одговорност. Претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков се осврна на можноста преку овој проект најдобрите општествено одговорни практики на македонските претпријатија да бидат претставени и во четири други земји од Југоисточна Европа – Романија, Турција, Хрватска и Црна Гора – што ќе придонесе за натамошно промовирање на успешните практики на домашните претпријатија.

Назад