Новости
Партнери
BEAUNDP
European CommisionInWent
 

Активности

Доделенa Националната награда за најдобри општествено одговорни практики во 2010 г.

На 26 октомври 2011 година, националното Координтивно тело за општествена одговорност на претпријатијата (ООП) и Министерството за економија ја доделија Националната награда за ООП за 2010 година. На 11 претпријатија им беа врачени статуетки, а 26 претпријатија добија плакети за успрешно спроведени општествено одговорни практики. На свечената церемонија, на наградените им се обратија министерот за економија Ваљон Сараќини, претседателот на Координативното тело, Александар Николов, и Елизабета Георгиева од името на Делегацијата на ЕУ. За наградата се пријавија вкупно 63 проекти на 38 компании.

Кај големите претпријатија, беа доделени награди во пет категории. За Однос кон вработените наградата ја добија Македонски телеком и Т-Мобиле Македонија за проектот „САП Модул“ и Џонсон Контролс Македонија ДООЕЛ за проектот „Зголемување на задоволството на вработените“; за Етичко управување наградата му припадна на Алкалоид АД Скопје за проектот „FairWild стандард – круна на 75 годишна традиција на високи вредности“; за Однос со снабдувачи и потрошувачи наградата ја доби Фени индустри АД за проектот „Транспарентни и фер набавки“, во категоријата Животна средина, наградена е Цементарница УСЈЕ АД за проектот„Биодиверзитет на вештачките езерца во Цементарница УСЈЕ АД Скопје“; а за Вложување во заедницата наградата ја добија АД Електрани на Македонија за проектот „Декларација за општествена одговорност/донација на оперативен микроскоп за уво, нос и грло“ и Македонски Телеком АД за проектот „5 Радио драми“.

Кај малите и средни претпријатија доделени се четири награди и тоа: во категоријата Етичко управување наградата ја доби Фармахем-Скопје за проектот „Транспарентност на менаџментот и вклученост на вработените во носење на одлуки“; во категоријата Однос со снабдувачи и потрошувачи наградата ја доби Дониа ДОО за проектот „Е-истражување на пазар (на мислењето на снабдувачите и купувачите)“; во категоријата Животна средина наградена е Адора Инженеринг ДООЕЛ за проектот „Заедно ја градиме иднината“ и во категоријата Вложување во заедницата наградата и припадна на ТТК Банка АД за проектот „ТТК Банка во поддршка на заедницата“. Во категоријата Однос кон вработените не беше доделена наградата.

Во истите пет категории доделени се и плакети, и тоа кај големите претпријатија за категоријата Однос кон вработените за: Цементарница УСЈЕ АД за проектот „Безбедност & здравје за нашите вработени – Врвен приоритет на компанијата“; Фени индустри за проектот „Колективен договор – Дијалог: работодавач - синдикална организација“; Прокредит Банка АД за проектот „Програма за млади банкари“; во категоријата Етичко управување плакета доби Цементарница УСЈЕ АД за проектот „Корпоративно управување“; во категоријата Однос со снабдувачи и потрошувачи плакети добија ЕВН Македонија АД за проектот „Едукација на корисниците за енергетска ефикасност и АД Електрани на Македонија за проектот „Отворен ден за потрошувачите“; во категоријата Животна средина плакети им беа доделени на ОНЕ – Телекомуникациски услуги за проектот „Рециклирање на мобилни телефони“, на АД Електрани на Македонија за проектот „Намалување на последиците од загаденоста на животната средина“, на Пивара Скопје АД за проектот „Пречистителна станица за отпадни води на Пивара Скопје АД и на МИК Свети Николе за проектот „Реконструкција на пречистителна акција за отпадна вода“; во категоријата Вложување во заедницата признанија добија: ЕВН Македонија АД за проектот „Продолжување на делото на Тоше Проески“; Сеавус ДООЕЛ за проектот „Летна школа“; Тобако АД за проектот „ТОБАКО... Во твојот круг“ и Алфа Банка АД за проектот „Волонтерски ден“.

Плакети им беа доделени и на малите и средни претпријатија. Во категоријата Однос кон вработените наградата ја добија Универзитетот Американ Колеџ Скопје за проектот „Професионално унапредување“; Адора Инженеринг ДООЕЛ за проектот „Вработените се нашето богатство – долгорочна стратегија 2009-2011 и Некстсенс за проектот „Градиме брендови на пазарот во ИКТ индустријата“; во категоријата Етичко управување плакети добија Општата болница РЕ-МЕДИКА за проектот „Од добри намери кон добри дела“ и Раде Кончар ТЕП за проектот „Усвојуваме и продолжуваме“. Во категоријата Однос со снабдувачи и потрошувачи плакетите ги добија Раде Кончар ТЕП за проектот „Ве слушаме вас“ и Некстсенс за проектот „Односи со потрошувачи/клиенти и поддршка“. Во категоријата Животна средина плакета доби Галаг С&Н за проектот „САРА – собирање, транспорт, складирање на RÖ отпад и рециклирање на истиот“. И, во категоријата Вложување во заедницата плакетите ги добија Адора инженеринг ДООЕЛ за проектот „Подобра околина, подобро општество“; Раде Кончар СЕРВИС за проектот „Да создаваме заедно“ и Дану Медиа ДООЕЛ за проектот „Училишен прибор за секое дете од домот 11 Октомври“.

Назад